2023.09_Обединета Македонска Дијаспора – Денови на македонското наследство, САД

Градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс ја прогласи оваа сабота, 16 гроздобер, за ден на македонското наследство.

Тој, заедно со македонската заедница во Њујорк, денес се очекува да го крене македонското знаме на настан на Вол Стрит во Менхетн, по повод 32 години од независноста на Македонија.

„Македонските Американци ќе продолжат да играат клучна улога како што преземаме цврсти чекори да го придвижиме нашиот глобален град напред“, рече градоначалникот Адамс во известувањето.

Тој рече дека во Њујорк „нашите македонски сестри и браќа го промовираат нивното богато наследство и прават позитивна разлика“.

Оваа недела градоначалникот на Чикаго Брендон Џонсон го прогласи гроздобер за месец на македонско-американското наследство, откако неодамна и гувернерката на Мичиген Гречен Витмер повика македонската култура да се слави во оваа сојузна држава во текот на гроздобер.

Македонската култура месецов се слави и во градот Рејнолдсберг, Охајо, каде градските власти најавија дека македонското знаме ќе се вее пред општината до крајот на гроздобер.

Во златец годинава, пак, републиканскиот сенатор од Индијана Мајк Брон, претстави резолуција во Сенатот да се прогласи гроздобер 2023 година за месец на македонско-американско наследство во САД, кога ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Овие резолуции и истакнувања се на барање на Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

Денешното кревање на македонското знаме е петто по ред за ОМД.

 

Извор: https://mk.voanews.com/