Сведоштва на Илинденците за делувањето за Македонската Револуционерна Организација во борбата за самостојна и независна македонска држава.
„… Б И О Г Р А Ф И Ј А
На Лефко Јованов Лазарков од село Долно Чичево Титоввелешка околија.
Роден сум през 1880 година во село Долно Чичево Титов велешка околија и потекнувам од скроз бедна фамилија.
Не паметам кога е умрела мајка ми а татко ми умре 1895 година. По смрт на татко ми останав наполно сам и немајки каде да се склонам бев неколку години момок – слуга во некоји по имукјни лугје а после се прибрав при сестра ми Коца која што беше мажена во нашето село а зет ми пак Филип беше чифчија во некој Сулиман бег.
През пролетта 1903 година Ило Касо од нашето село и Каме Лазов – црцорот од село Дворишта ме организираа во организацијата на македонскиот покрет говорејки ми дека се припрема востание за националното ослободуванје на Македонија од турците и дека е потребно сите млади лугје над 18 години да стапиме во таја организација. Без никакво оклеванје и предумислуванје дадов пристанок и бев примен во организацијата. Во това време војвода во најшиот реон беше Гјоргји Попов – Ресавецот кој после погина во селото Капиново Титоввелешко. До пред востанието нашите организатори Ило Касо и Каме Црцорот често пати се состануваа со нас организираните младинци и ни саопштуваа некоји директиви во који довогјаа од повисоките центри. Во това време јас бев посинет од Ангел Бошков во село Горно Чичево каде што отидов да живејам. Кога отидов во Горно Чичево тамо најдов поголема организација и се придружив во неја. Тогај во Горно Чичево беше раководител Ристо Казакот а селски војвода беше Никола Данев. Тамо положив клетва пред војводата Стефан Димитров.
Преди да почне востанието нашата селска чета во Горно Чичево се пиготвуваше за акција према директивите од околискиот центар који требаше да ги превземе и чекаше заповед за отпочнуванје. Од нашата чета некоји од четниците имаа за задаток да ги кинат телеграфските линии, некоји да рушат мостови и железница, јас пак со уште некоји другари бевме одредени да идеме е Велес у помок за напад на гарнизонот.. Не добивме заповед за извршуванје на задачите и останавме во селото додека добивме саопштение дека востанието е почнало во Крушево и негде долу во Егејска Македонија но не е успејало.
И ако востанието не успеја ние не го изгубивме моралот ами уште по усилено работевме.
Во нашиот реон беше војвода Стефан Димитров. Во това време требаше да се пренесе од Бугарија за Прилепско и Битолско една голема количина оружје. Това оружје се пренесе преку река Вардар на коработ кај селото Уланци и се донесе во нашето село Горно Чичево од које што 10 пушки оставивме за нашата чета а останалото го пренесовме со товарни конји во село Подлес. Во преносот на оружјето учествував со другарите од нашето село како спроводник.
После неуспелото востание одев 6 недели како четник во четата на војводата Костадинов. Учествував през 1905 година во борбата во село Гостиражни -Прилепско против српските четници во која борба не загина никој ни од нашата нито од противната страна. По това со четата на војводата Костадинов како негов четник учествував во борбата во село Ораовдол Велешко пак против српските четници кога ни дојде во помок и војводата Гјоргји Сугарето и Ташко Демирхисарски. И во оравдол не загина нико ни од нашата ни од противничката страна. Како во Гостиражни така и во Ораовдол немавме успех бидејки довогјаше турски аскер и ние моравме да се повлекуваме.
После 6 недели се прибрав дома, а војводата Костадинов погина во село Крапа- Поречко и на негово место дојде Дачо.
До уриетот бев селскиот војвода во нашето село Горно Чичево.
После уриетот през 1909 година турските власти ми бараа оружје и ме мачеа и тепаа а еднаш при претрес во мојата кукја се најде еден патрондаш за који турските власти аскерот многу ме тепаа.
После уриетот не сум одил во акции но пак работев внатрешни организациони работи со другарите одржавав врски со околискиот центар, пречекувавме и преведувавме чети, пренесувавме сведенија и саопштенија и друго се до 1912 година. Географскиот положај на нашето село е подесен за таја работа и организацијата секогаш го користеше.
Од преживели другари од нашето село се во живот Дончо Рибарски и Милан Кацев – Гјуровски како и Глигор Тошевски од Подлес који ке можат да ги потврдат мојите наводи.
Сега живејам во село Долно Чичево, немам никого од пород, нити пак имам имот. Стар сум човек и изнемогол за работа и мизерно живејам бидејки немам никаков приходи нити зарабодувачка нити пак има кој да ми помогне.
2 април 1954 год.
Титов Велес …“
Извор: Вечер Печат