2023.06.20_РАНИТЕ И ЛУЗНИТЕ НА ДЕЦАТА БЕЗ ДЕТСТВО

2023.06.20_РАНИТЕ И ЛУЗНИТЕ НА ДЕЦАТА БЕЗ ДЕТСТВО (interitus Macedonum) - 02

По повод светскиот ден на бегалците и 75 години од
прогонот на Македонците од Егејскиот дел на Македонија
во Чешка е отворена изложба од Георги Дуртаноски

 

2023.06.20_РАНИТЕ И ЛУЗНИТЕ НА ДЕЦАТА БЕЗ ДЕТСТВО - 30

 

INTERITUS MACEDONUM
(ИСТРЕБУВАЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ)

 

РАНИТЕ И ЛУЗНИТЕ НА ДЕЦАТА БЕЗ ДЕТСТВО

20. жетвар 2023
Замок Линхартови
Град Албрехтице
Чешка

 

Барокниот замок Линхартови на границата меѓу Чешка и Полска е домаќин на изложбата насловена Interitus Macedonum („Истребување на Македонците“) по повод 75 години од егзодусот на децата од Егејскиот дел на Македонија.
Творец на изложбата е Георги Дуртаноски кој околу замокот Линхартови и во градот Крнов постави уметничка поставка на отворено со 20.000 црвени стапалки кои ги претставуваат крвавите стапалки на децата прогонети од своите домови во беломорска Македонија со испишано име и презиме на секое протерано дете заедно со името на неговото родно место со македонски топоним.

Изложбата се приопштува за поширока јавност по повод денешниот меѓународен ден на бегалците и ќе биде отворена за посетителите до 2. житар (оваа година).
Изложбата е во организација на македонските заедници од Чешка и Полска во одбележување на 75 годишнината од прогонот на македонските деца од беломорскиот дел на Македонија.

Замокот Линхартови е избран да биде домаќин на овој настан, бидејќи неговата судбина е како нашата поделена Македонија: објектот (замокот) се наоѓа на чешка територија а имотот/дворот се наоѓа на полска територија. Тој е неколку пати разурнуван и опожаруван и секогаш повторно блеснува со својата убавина.
Според архивските податоци градот Крнов во 1948 и 1949 примил најголем број на македонски деца од вкупниот број кои ја напуштиле својата родна земја.

Уметничката изведба на Георги Дуртаноски насловена Interitus Macedonum („Истребување на Македонците“) покрај поставката вклучува и изложба на фотографии и предмети кои го опишуваат тешкиот пат на децата-бегалци во непознат и неизвесен правец. Некои од нив згрижени и преместувани дури во детски домови во три или четири држави. Во изложбените витрини се сместени лични предмети на македонските бегалци, како клучеви од нивните домови во кои никогаш не се вратија. Торби за леб, ѓумчиња за вода, камчиња од нивните куќи/цркви во кои биле родени или биле крстени. Капсули со вода од македонските реки во беломорска Македонија и многу други предмети кои веродостојнот го отсликуваат нивниот живот од тоа време.
Носечки изложбен предмет (експонат) на овој дел од изложбата е „метлата за етничко чистење на Македонците од кралицата Фредерика“ претставена со црвена метла овенчана со круна и хемиската формула на напалм-бомбите.

Изложбата ја отворија градоначалничката на градот Албрехтице инг. Јана Мурова и инг. Димитри Кирјаковски, истакнат македонски деец од Костур кој во 1948 година на 5 годишна возраст најпрво бил згрижен во детските домови во Полска и подоцна во Чешка.
Инг. Кирјаковски воедно е куратор на изложбата и беше ментор на Дуртаноски во подготовката и изборот на експонатите.

На фернисажот беше прикажан и филмот „Македонец“ од полско-македонскиот режисер и продуцент Петро Алексовски кој со свое лично присуство и проекција на филмот даде силна поддршка на овој проект по повод 75 години од прогонот на децата од беломорска Македонија. Петро е син на Мито Алексовски кому е посветен овој документарен филм, а прикажани беа и други документарни филмови од архивите на националните телевизии на Чешка, Унгарија, Романија, Франција

Фокусот на оваа изложба е годината 1948 и евакуацијата на децата која започнала пролетта и траела до крајот на истата година (1948) како последица на воената операцијата „Коронис“ и напалм-бомбите со што Егејска Македонија беше претворена во пепел. Оваа изложба ја обработува траумата, страдањето и лузните на децата во нивните „нови татковини“ – истакна Димитар Кирјаковски – куратор на изложбата и сведок на тие настани.

Граноначалничката на Албрехтице инг. Јана Мурова ја истакна важноста на сеќавањето и почитта кон жртвите за подобро да го запознаеме минатото, а со тоа да знаеме да ја планираме иднината.
Творецот Дуртаноски го цитираше „факелот на чешката понова историја“ Јан Палах кој како саможртва во 1968/69 година поради руската воена интервенција во Чешка, непосредно пред смртта ќе рече: „Јас не се самозапалив поради Русите, туку поради пасивноста на моите сонародници Чеси од таа окупација“.
Дуртаноски го прочита и писмото со поддршка и сочувство до Македонците од Ким Пук„напалм-девојчето“, симбол на виетнамското страдање од војната во која Американците фрлија напалм-бомби врз цивилното население во Виетнам во 1972 година.

Петро Алексовски се задржа на мотивот да го сними документарниот филм „Македонец“ и со тоа да даде придонес во колективното памтење на македонскиот народ. Тоа да не се заборави но и да не се повтори, а мултикултурното општество го разбира единствено преку концептот секој да знае од каде потекнува. Да го негува својот јазик и култура, а различностите да бидат мост на поврзување во Европа.

Прочитани беа писмата од академик Љупчо Коцарев, Претседател на „Македонската Академија на Науките и Уметностите“ од Македонија, Ким Пук од истоимената меѓународна фондација од Канада, Соња Кировска, Претседателка на здружението „Заборавени Македонци“ од Париз и голем број на македонски здруженија, историски друштва и поединци од иселеништвото.

Во одбележување на 75-годишнината од егзодусот на децата промовирани беа лимитирани поштенски пликови со логото на изложбата Interitus Macedonum и медаљони со мотив на деца во бегство придружувани од жена-мајка заедно со двата каталози од постојаната поставка на Музејот на Македонија за Граѓанската војна во Грција (1946-1949) преведени на чешки јазик.

 

 

СЛИКОЗБИРКА – INTERITUS MACEDONUM (Истребување на Македонците)

 

Замокот Линхартови 16 век

Вернисаж на изложбата INTERITUS MACEDONUM Витешка сала на замокот Линхартови
сабота, 17. јуни 2023

 

инг. Димитри Кирјаковски, проф. Георги Дуртаноски и градоначалничката на град Албрехтице инг. Јана Мурова

 

(од лево кон десно): Георги Дуртаноски, инг.Димитри Кирјаковски и Петро Алексовски (на чешко-полската граница)

Главните организатори на настанот (од лево кон десно): инг. Димитри Кирјаковски, филмскиот режисер Петро Алексовски и Георги Дуртаноски