Питачки менталитет

Голема срамота е кога за светите места како духовни – православните цркви, манастири, храмови, така и разни други национални светињи, еден народ не си ги гради, обновува и одржува самиот, а дозволува друг да му ги финансира.
Тие свети места нека бидат и рушевини, но колку еден народ може и кога може, тогаш и во таа мера треба да бидат изградени. Ако за местата кои треба да претставуваат духовна и национална гордост, симбол на нашата чест и сила, се слушне дека самите не сме ги изградиле, тогаш тие веќе не претставуваат гордост, туку симболи на срамот и слабоста. Бескорисно е лажното ниво на дотераност, ако тоа е туѓо и диво и не нѐ претставува нас.

Надворешните страни за такви национални градби дарежливо помагаат, затоа што со таков чин, неизбежно му се одзема достоинството на оној кој си дозволил да прими помош и со тој чин од него се прави бессилен и бескарактерен слуга.
Затоа што, ако за одржувањето на стратешките установи на националната сила, сме дозволиле друг со “милостива помош” да ни ги одржува, тогаш постигнале да стекнеме менталитет на питачи. А народ (или поединец) прво научен, а потоа со стекната навика да пита, кој не се потпира на своите сили, а само очекува нечија помош, таквиот никогаш нема да се издигне. Секогаш ќе биде питач и слуга, од кого потоа, немерливо и без крај ќе се наплаќа.

Преголема срамота е за оние луѓе – игумени, митрополити… наводни духовници или политичари, градоначалници… наводни државници, кои се навикнале за стратешките установи на националната сила, да земаат милостина од странство. И тоа, земаат милостина од еретици, масони темничари и добро познати империјално-грабежни и историски непријателски настроени страни. Ги има доста лица кои здушно работат на рушење на националната гордост кај Македонците, за од нив да создадат народ питач, кој ќе ги велича своите “добродетелни господари”.
Луѓе кои ставиле маски на мудри управители, а всушност бескарактерни користољубиви слабаци, кои со еден таков чин ги рушат како испразни, сите други зборови кои му ги кажуваат на народот.

Македонскиот народ на овие простори опстојува со векови. Имало времиња на слава и напредок, но за жал и долги времиња на потчинетост, ропства, окупации и назадување. Причината што сме опстојувале, лежи во наученоста за потпирањето на себе, самостојно преживување и самостојното ослободување. Сите други народи, кои многу порано и полесно се ослободиле, ја платиле цената со губење на изворниот идентитет.
Историјата нѐ учи дека секоја помош дојдена од надвор, набрзо потоа имала штетни последици, далеку поголеми од добивката. Состојбата во која се наоѓаме, во голема мера зависи од воспитното однесување на водачите кои нѐ водат. Затоа исклучително значајно е од нашите пастири и водачи, од нив на дело да има добар морален пример, на цврста и непопустлива национална гордост. Што од нив и единствено така ќе направи вистински пастири и водачи.

МНА