2022.07.31_Чествување за Илинденскиот војвода и деец Смиле Војданов

2022.07.31_Чествување за Илинденскиот војвода и деец Смиле Војданов

ВО ДЕТРОИТ УДРИЈА ИЛИНДЕНСКИТЕ КАМБАНИ НА МАКЕДОНСКИОТ НЕПОКОР

 

Детроит, Мичиген
недела, 31. златец 2022
Приготвил: Гоце ПАНГОВСКИ

МПЦ-ОА „Св. Ѓорѓи Кратовски“ од Детроит како домаќин на чествувањето по повод Илинден
и 150 години од раѓањето на охридскиот војвода Смиле Војданов

Во рамките на 19. Илинденски фестивал кој започна вчера на 31. златец 2022 г. во организација на македонската заедница на иселеници за прослава на Илинден во црквата на МПЦ-ОА „Св. Ѓорѓи Кратовски“ во Детроит, Мичиген, САД, се одржа пикник и чествување за македонскиот револуционер и долгогодишен деец на македонското национално движење, илинденскиот војвода Смиле Војданов.

Чествувањето за Смиле Војданов е само продолжение на настаните што се организираат во негова чест по повод 150-годишнината од неговото раѓање и во организација на здружението „Заборавени Македонци“ со седиште во Париз, Франција кои започнаа на 1. сечко 2022 г. и преку Илинденското востание продолжуваат до истекот на оваа година.
Покрај стотиците Македонци што традиционално го прославуваат Илинден, на чествувањето во Детроит беа поканети и присуствуваа десетина непосредни потомци и подалечни роднини од семејството на војводата Смиле Војданов.

Ана Дукоска (прва од лево) со потомците на Смиле Војданов на
19. Илинденски фестивал во организација на МПЦ-ОА „Св. Ѓорѓи Кратовски“
Недела, 31. златец 2022, Детроит, Мичиген, САД

Чествувањето го отвори Претседателот на црковната општина г. Александар Атанасовски, a благослов и молитва до присутните упати отец Горан Трпчевски кој во пригодната реч потсети за значењето на најголемиот македонски национален празник – Илинден и честа која му ја укажуваме на охридскиот војвода Смиле Војданов.

Присутните ги поздрави и претставничката на здружението „Заборавени Македонци“ за САД, Ана Дукоска, која заедно со Гоце Панговски е дел од организаторите на целиот настан.
Во својот краток пригоден говор Дукоска ги подвлече основните и најважни податоци за животот и делото на војводата Смиле Војданов, а веднаш по неа зеде збор и Џудит Војданова- Григ, внука на Смиле Војданов, односно најстарата ќерка на Илија Војданов – најмалиот син на Смиле Војданов.

Џудит изнесуваше лични спомени за нејзиниот дедо Смиле, притоа потсетувајќи се на еден есеј што нејзиниот татко Илија го пишувал за потребите на неговото образование а се однесувал на Македонците и на некои од дејствијата што во заштита на своите соселани ги презел војводата Смиле Војданов при неговото непосредно учество во славното македонско Илинденско востание.

На Илинденскиот пикник и чествувањето на војводата Смиле Војданов присуствуваа неколку стотици Македонци од најразлични возрасти и тие поминаа во празнична атмосфера.
Претставниците на семејството Војданови беа срдечно пречекани и почестени со најразновидна македонска храна и пијалоци, како и македонска музика, со што се потсетија на деновите кога пред многу години присуствувале на слични македонски собири во Детроит и околината додека бил жив и војводата Смиле Војданов.


Атмосферата на 19. Илинденски фестивал и чествувањето за војводата Смиле Војданов
во организација на МПЦ-ОА „Св. Ѓорѓи Кратовски“. Недела, 31. златец 2022, Детроит, Мичиген, САД

 

ЖИВОТОПИСЕН ПРЕГЛЕД

Смиле Војданов (1872-1958) е илинденски војвода, македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација и долгогодишен деец во македонското национално движење во татковината и во иселеништвото. Роден 1. сечко 1872 година во охридското село Лактиње (денес во општина Дебарца). Основното образование го започнал во родното село, а потоа отишол да учи во манастирот Св. Богородица Пречиста крај Кичево, каде станал ѓакон. Неколку години бил учител во с. Лактиње по што станал анџија во село Сливово. Во 1897-98 г. се запознал со дејноста на Македонската Револуционерна Организација (Внатрешната) и набргу станал нејзин заколнат член и разгласник (агитатор).

Едно време бил четник во четата на својот соселанец Дејан Димитров, а потоа станал војвода на сопствена чета во охридскиот реон. Во летото 1903 година, по одржувањето на конгресот на Организацијата во с. Смилево, Војданов сведочи дека на едно собрание на војводите од охридскиот реон Христо Узунов им ја соопштил веста за конгресната одлука дека на 2. житар, денот на Св. Илија: “ќе дигнеме востание за ослободување на нашата родна Македонија”.

Смиле Војданов

По задушувањето на Илинденското востание, Смиле Војданов не се откажува од идејата за независна македонска држава. Својата борба ја продолжува во северна Америка, каде долги години ќе дејствува меѓу македонските иселеници во САД и Канада.
Во куќата на Смиле Војданов во градот Понтијак, во државата Мичиген, во 1929 година е создадено првото независно македонско друштво.

По создавањето на повеќе вакви друштва во различни градови на САД, на 22. и 23. цутар 1930 во градот Толедо (Охајо) била одржана Првата конференција на македонските независни друштва. Тогаш Смиле Војданов е избран за Претседател на средишното раководно тело. На Првиот редовен конгрес за обединување на друштвата, од 24. до 26. тревен 1931 во Гери (Индијана), Смиле Војданов е избран за претседател на новосоздадениот Македонски Народен Сојуз.
По Втората светска војна го поздравува создавањето на македонската држава и се вклучува во постојано испраќање на добротворна помош за татковината. Еден од зачетниците и дарителите за изградба на Медицинскиот клинички центар во Скопје.

Починал на 4. цутар 1958 година и погребан е на гробиштата Пери Моунт Парк во Понтијак.

 

2022.07.31_Чествување за Илинденскиот војвода и деец Смиле Војданов