Павел Шатев

Павел Шатев

• 1928.11.10 – ‘Македонско Дело – Безимени’, бр 77 •

На секој Македонец, каде и да се наоѓа, му се налага задолжителен долг да протестира, да се бори кој со што може и да ги штити своите права и своите интереси, презирајќи ги сегашните натрапени водачи, кои со престапничка кусогледост и незнаење го водат македонскиот народ кон отворена смрт и колеж. Секој поединечно и заедно, колективно, на собири и митинзи, на национални совети и на конгреси да побара слобода за македонската мисла и критика, слобода на размислувањата и убедувањата како единствена, во прво време ефикасно средство за да се изрази заедничката, колективна војна, што единствено ќе може да ги обезвредни, да ги обузда и отстрани сите безумени, кои како аргумент го знаат единствено куршумот и парабелумот. Па, наместо да разменуваат истрели, да се бориме со мисли и идеи, кои раширени меѓу широките народни маси се посилни од ножот и куршумот.

 

• 1948 – заедно со Панко Брашнаров – до ЦК на Советската Комунистичка Партија, доверливо писмо

Прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК на КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји… Таа парола, тоа становиште за обединување на македонскиот народ во рамките на ФНРЈ имаше смисла во 1943/44 година, кога македонскиот народ беше поставен пред алтернативата или да остане како јужно-србијанец, т.е. да биде оставен на српска асимилација, односно фактички да биде уништен од една страна. Од друга, постоечкиот чисто фашистички режим во Бугарија, фактички веќе окупирана од Германците, наспроти напорите, спротивставувањето и борбите на прогресивните елементи и сили во државата на чело со БРП(к), не дозволи тие да излезат на површината, да се пројават посилно и поотворено, за да можеше да се постави конкретно и поинаку целосното ослободување и обединување на македонскиот народ. Но, сега кога во Бугарија на чело стои БРП(к) која во ништо не заостанува зад КПЈ, нема смисла да се натпреваруваме за заземање или заграбување земји, што припаѓаат на самиот македонски народ, а не на ЦК на КПЈ.

 

Слична содржина
Јордан Пиперката (1870 – 1903)

Да се создаде едно самостојно политичко постоење како единствен македонски народ, слободно да се развива во културно-просветна смисла, да соработува во политички и економски однос со сите други народи во балканските држави, беше заветуван сон, фантазија за секој Македонец. И сега, смело можеме да изјавиме, сметајќи дека го изразуваме мислењето скоро на сите Македонци, дека нема поголемо морално задоволство за Македонците од тоа, македонскиот народ да биде во неразделни културни, политички и еконеомски врски со народите на балканските држави, но истовремено е јасно и за последниот Македонец, за да може македонското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во оделна политичка единица, во оделна држава… Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот.

 

Желбата на дворецот и Военото министерство требаше да се исполни и тоа не само што централистите не смееја да го превземат во свои раце раководството на Врховниот Македонски Комитет, туку и Борис Сарафов со своите другари и приврзаници требаше по секоја цена да бидат отстранети како нетактични и бујни глави кои ја беа загубиле поддршката на Дворецот и Военото министерство.

 

Гоце Делчев беше најпредан, најплеменит борец за слободата на Македонија и одан чувар на внатрешноста и самостојноста на револуционерната борба; голем непријател на секое надворешно влијание од каде и да доаѓаше. Како таков, тој е најголема фигура на македонското ослободително движење и типичен претставител на епохата во која живееше.
Гоце е најактивниот деец, апостол за слободата на Македонија, и по дух и талент вистински македонски револуционер и водач! Водач, кој по дух, скромност, волја, великодушност, сознание, храброст и самопожртвуваност, ги надмина сите негови идејни сомисленици.