ПОВИК ЗА МОРАТОРИУМ НА МАКЕДОНСКАТА КАНДИДАТУРА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕВРОПСКИОТ СОЈУЗ

Со објава на ова соопштение, Македонска Национална Академија, званично потврдува дека влегува во Македонскиот Национален Сојуз на организации, кои во името на македонскиот народ, ја повикуваат Владата на Македонија да ги паузира преговорите за членство во Европскиот Сојуз.

 

ПОВИК ЗА МОРАТОРИУМ НА МАКЕДОНСКАТА КАНДИДАТУРА ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕВРОПСКИОТ СОЈУЗ

Поради отворените прекршувања на основните суверенитетско-национални и граѓанско-човекови права на македонската држава и нација, обезбедени со разни документи од меѓународното право, се бара од Владата на Македонија, да ги заштити засегањата на својот народ и да донесе одлука за шестмесечен мораториум [паузирање] на постапката за членство во Европскиот Сојуз [Европската Унија]. После истекот на шестмесечниот мораториум, Владата на Македонија да ја преразгледа одлуката за мораториумот и да донесе одлука, соодветно на однесувањето на европските дипломати. Наспроти уценувачко-понижувачките барања за уставни измени, да се одговори со застој [паузирање] на преговорите за влез во Европскиот Сојуз, и тоа сѐ додека тој насилен однос не престане.

Политичката одлука за членство во Европскиот Сојуз, се претвори во основната дипломатска слабост, која од нашите соседи е искористена како можност, секој на свој начин, да ги оствари старите историски посегања кон балканското јаболко на раздорот. Шовинистичките намери, некогаш прикриени зад разни дипломатски барања, сега веќе се претворија во барања со изјави, кои претставуваат, отворени напади со цел за уништување на македонската нација и македонската државност.
Слепата послушност кон неприкладните и проколонијалистички промени во македонскиот политички систем, со цел за прилагодување кон наводните стандарди на Европскиот Сојуз, го уништуваат македонското општество. Создаваат пореметен систем со катастрофални животни состојби за сите граѓаните, а македонската држава ја онеспособуваат да го обезбедува одржувањето на своето постоење. Така што ние како жалосно заостаната нација и држава, доколку ја прекинеме постапката за членство, веќе и немаме многу што да изгубиме.

Слична содржина
Поддршка на МНА за предлог - декларацијата на ПП Левица

Европските уцени и национални навреди кон нас Македонците, преминаа секаква здраворазумна мера. Европската правна недоследност постојано се зголемува и прераснува во отворена поддршка на негирањата на македонската самоопределба, како и безсрамно рушење на суверенитетот на македонската нација.
Затоа е неопходен мораториум, односно одложување на постапката за членство во ЕУ; и тоа сè додека не бидеме безусловно прифатени со сите идентитетски и државнички особености и обележја.

Секој досегашен Владин должносник во Македонија е лично одговорен како соучесник во политичко уништување на сопствената нација и држава. Секој од нив заради своја лична корист, дал придонес и го сноси гревот за немерливите и шокантни жртви и загуби кои граѓаните секојдневно ги поднесуваат.
Доколку Владата предводена од Христијан Мицковски, Претседателката Гордана Силјановска, како и пратениците во Собранието, немаат одлучност да ги отстранат слабостите кои нѐ водат кон национален пораз, не постапуваат според засегањата на народот, туку продолжат да постапуваат според барањата прилагодени на надворешните засегања, ќе станат највиновни од сите досегашни влади, претседатели и пратеници. Ќе сносат вина за секоја идна жртва, која ќе се случува поради уништениот систем, а ќе понесат и дел од гревот за сите изминати жртви, од изминатите неколку мрачни десетлетија.

Засега организации поддржувачи:
БАСИЛЕЈ
ДВИЖЕЊЕ МАКЕДОНСКА ПРЕРОДБА
ИНСТИТУТ ЗА СЀМАКЕДОНСКО ОБЕДИНУВАЊЕ
КИДЦМ КАЛЕШ АНЃА
МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНА АКАДЕМИЈА
МЗК ТВРДОКОРНИ
МРО МАКЕДОНСКО БРАТСТВО
НЀ-ИМА
ОРГАНИЗАЦИЈА ЖЕНИ, МАЈКИ, РОДОЉУПКИ НА МАКЕДОНИЈА ,,АНГЕЛИНА МАРКУС“
ОРГАНИЗАЦИЈА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД
ПРЕРОДБА
ШАРПЛАНИНЕЦ