Советодавниот комитет на Советот на Европа за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во своето најново мислење заклучи дека Бугарија не остварила доволен напредок во обезбедувањето пристап до правата на малцинствата.
„Како и во претходните циклуси, лицата кои се определуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни. И лицата кои се идентификуваат како Помаци изразија желба да имаат корист од заштитата според Рамковната конвенција. Според властите, нема неопходни објективни критериуми и за Помаците, кои и понатаму се нарекуваат бугарски муслимани, спротивно на нивното самоидентификување“
„Советодавниот комитет смета дека е клучно да се следи прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци и Помаци. Особено е важно Рамковната конвенција да се применува член по член кон лицата кои припаѓаат на тие заедници во области како што се недискриминација, еднаков пристап до правата и промовирање на меѓусебно почитување и разбирање, особено во образованието, културата и медиумите“.
Според исходот од пописот од 2021, најголемото национално малцинство во Бугарија биле Турците, кои сочинуваат 8,4% од вкупното население, па следуваат Ромите (4,4%). На истиот попис, 1.143 луѓе се изјасниле како Македонци.
„Лица кои се самоизјаснуваат како Македонци, кои продолжиле да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле до Советодавниот комитет дека некои постапки на властите ги сфатиле како активно обесхрабрување да се самоидентификуваат како етнички Македонци. Пријавени се и напади за време на јавни настани, како и пречки во организирање протести и различни настани. Соговорниците на Советодавниот комитет напоменаа дека во бугарското општество нема свест за значењето на малцинските права и дека нема разбирање националните малцинства да бидат составен и ценет дел од Бугарија“.
Се напоменува дека Европскиот суд за човекови права во 12 случаи против Бугарија утврдил непочитување на правото на слобода на собирање и здружување, поднесени од здруженијата на Македонците, кои властите упорно одбиваат да ги заведат.

