1934.05.13_Георги Димитров (писмо до IV конгрес на МНС), Москва

1934.05.13_Георги Димитров (писмо до IV конгрес на МНС), Москва

Братски поздрав на делегатите на Четвртиот конгрес на Македонскиот народен сојуз

Се чувствувам неразделно сврзан со судбината на македонскиот народ и како бугарски пролетерски револуционер, и како син на семејство кое потекнува од Разлог — долината на историското Илинденско востание. Бугарскиот пролетаријат животно е заинтересиран за национално ослободување на Македонија. Националното угнетување на македонскиот народ е извор на јакнењето на угнетувањето на работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција. Поделена и оплјачкана Македонија претставува јаболко за раздор меѓу балканските империјалисти и извор за постојана опасност од воени судрувања и немири на Балканот. Во својата борба за ослободување македонскиот народ нема и не може да има други вистински пријатели и сојузници освен револуционерните работници и селани во Бугарија и на Балканот.

Во својата борба за социјално ослободување, бугарскиот пролетаријат гледа во македонското револуционерно движење еден од своите најдобри сојузници. Борејќи се против фашизмот и за работничкоселанска власт, за Советска Бугарија, бугарските работници и селани, под раководството на Комунистичката партија, во исто време се борат за ликвидирање иа секое национално ропство и ропство на македонскиот народ. Македонското движење има многу непријатели. Но најстрашен е неговиот внатрешен непријател — тоа се агентите на бугарскиот империјализам, бугарскиот монархизам, бугарскиот фашизам и пред се бандата на Михајлов. Преку тие агенти бугарската буржоазија го ползува македонското движење за своите егоистички интереси и за закрепнување на својата крвава диктатура врз самиот работен народ на Бугарија. Со помош на таа банда, која се нарекува Внатрешна македонска револуционерна организација (ВМРО) со кое ги оскрнува идеалите на македонскиот народ, цанковистите успеаја на 9 јуни 1923 да ја урнат земјоделската влада и да организираат крвав терор против работничките и селанските маси.

Со учеството на овие главоресци беше уништено народното востание во септември 1923. Тогаш беше убиено и затворено на илјади бугарски работници, селани и интелектуалци. Таа банда ги истреби старите независни македонски револуционери во Горна Џумаја во година. Нејзините главоресци беа искористени за убиство на повејке од 2.000 работници, селани, интелектуалци во врска со провокаторскиот атентат во Црквата св. Недела во април. 1924 година. По наредба на бугарскиот фашизам, тие подло го убија великанот на македонското револуционерно движење Димо Хаџи Димов, храбриот македонски народен пратеник Христо Трајковски, многу Македонци со поинакви погледи, како и такви славни работници во бугарското работничко движење како што беше работничкиот народен пратеник Напетов. Не е возможна успешна борба против националното угнетување и за ослободување на македонскиот народ без конечно изолирање од македонските маси на оваа штетна банда, без потполно елиминирање на нејзината предавничка ролја во македонското движење и во внатрешниот политички живот на Бугарија. Македонската емиграција во Америка, како и македонската емиграција во самата Бугарија, има должност со сите сили да дејствува за што поскорешно остворување на своите задачи, подржувајќи ги стремежите на ВМРО (обединета) кон поврзување на сите вистински револуционерни македонски снаги.

Само единствена револуционерна борба на македонскиот народ во најтесен сојуз со работниците и селаните во Бугарија, Југославија и Грција може да доведе до победа на македонската ослободителна револуција. Само советскиот систем, како што најдобро покажува искуството на големиот Советски Сојуз, може да обезбеди конечно национално ослободување и полно национално обединување. Во тој дух од се срце му пожелувам на Вашиот конгрес најдобри успеси.

13 мај 1934. Москва

Георги Димитров

 

Посочил: Антропол