Во документ на македонската Илинденска организација во Софија, од јули 1946., се вели:
„Сношти нашиот претседател со специјална комисија ги посети блиските на Гоце (Делчев), кои беа поканети да присуствуваат на предавањето на останките на Гоце на Земскиот одбор при НОФ во Скопје. Брзаше да го стори тоа, зашто дозна дека непријателите на Македонската Народна Република повеле постапки тоа да го оспорат… Гоцевите живи сестри и внуците го примија тој предлог со радост. Го поканивме и најблискиот другар на Гоце – Туше Делииванов. Кога нему му беше соопштено дека е избран за почесен делегат на АСНОМ, тој просто остана без зборови.“
Аманетот запишан на урната со коските на Гоце Делчев, гласел: „Ги заколнуваме поколенијата овие свети мошти да бидат погребани во столицата на Независна Македонија.“
Урната со моштите на Делчев била чувана во црквата Света Недела во Софија, Бугарија, и во седиштето на Илинденската организација од 1923 до 1946 година. Тогаш, останките се пренесени во црквата Свети Спас во Скопје.