„… Бај Павле, одамна не сум ти пишал. Тоа не го направив едно поради тоа што нема што да ти пишам, а друго, тухашните неубавини не сакам да ти ги пренесувам за да не те тревожам. Добри сме сите со здравјето, но положбата е многу калпава од секоја страна. Овдешните раздвоенија немаат крај и нема да имаат, а добро знаеш дека нашата сила е во единството, коешто го немаме. Во резултат на тоа сите сме играчка во рацете на Владата, која ползувајќи се од положбата ја плете својата кошница на сметка на минатогодишните жртви (жртвите од Илинденското востание – н.б.)
Лага е ако некој тврди дека не се влече по јажето тргано од бугарската Влада, а последнава секој треба да ја признае дека има многу големи интереси што не се согласуваат со нашите и според тоа сe за неа, а ништо за нас. Од секој треба добро да се знае дека не е Фердинанд на чело на неговата армија тој што ќе не ослободи, а ако уште некој мисли така, тоа значи дека слепее пред блиското несреќно минато или подобро дека глупавее. Тукашните управници и скоро повеќето од Бугарите се безучесни кон нашето дело затоа што немаат формиран идеал што да ги тера напред. Интелигенцијата на која секој треба да се опира е бесчувствена. Има само едно – стремеж за кариери и материјализам. Е добро, таква е таа бугарска јавност и зборува преку устата на своите водители за македонското дело само кога е на работа за туркање и качување на Влади. Тоа во своето срце секој деец го чувствува. Но како да се плаши да го искаже да не би да го наречат или земат за предавник. Таа положба е просто сосипателна за нашето дело, нашите непријатели не нѐ чекаат, ние треба да се поставиме на самостојна по можност почва и да врвиме пред која и да е Влада, било бугарска или српска или каква и да е, а не да лазиме по нив, или со други зборови – да лазат Владите по нас. Да ги натераме да не ни се мешаат. Тоа на прв поглед ми се гледа многу, но поставени на самостојна почва, лесно ќе можеме да го постишеме, зашто од нас ќе зависи застрашувањето на интересите и на едните и на другите. А таа самостојна почва не чекај, братко, оттука да се изработи, затоа што тука е се заразено, дури гангреносано. Однатре, Павле, треба да го сториме тоа, со два-три окружни центровни конгреси, та да го објаснат тоа поопстојно, та да го фатат добриот пат, одбегнувајќи ги досегашните грешки. За тоа се сакаат сили и време, и ќе речеш; Боже, па што ми го пишуваш тоа оттаму, ја ела овде. Да, јас па и уште многу други треба да дојдат. За мене, за тебе, годините и 3 и 5 се многу, но за еден народ не. Нека не си ја претставиме крајната цел, дека сме имено избраниците што ќе го изнесат на своите плеќи тоа дело, затоа што е тоа толку големо што може да не смачка, но една од нашите цели е да го видиме нашето дело на самостојна почва и во неговиот правилен врвеж. Пак не мисли дека јас зборувам за некој период од 20 до 30 години или за некој револуционерен период. О, настрана тоа. Јас длабоко сум убеден дека револуцијата ќе не спаси и тоа колку што се може поскоро, но добро ќе е дури нашите непријатели не си ги поставиле целите.
Ако можеме (само да бевме готови), уште сега би било најдобро, но го знам и го знаеш тоа дека сме изнурени, затоа зборувам да брзаме да го закрепиме делото на здрава почва за да можеме да му попречиме на секој грабач. Грамадна работа ни претстои, многу сили се сакаат, а и времето е така брзо што не останува ништо освен да ги впрегнеме сите сили и да се бориме повеќе од секој друг пат, та ако паднеме под тој товар, прави да паднеме, така како што сме се ангажирале и сме одговорни пред народот. Можеби ќе ти дотегнам, но проштевај, Павле, јас испратив двајца во Костурско – Нуне Митушев и Јото Вишински, и со пасоши, а петмина под војводството на познатиот Крашков, вооружени одовде. Тргнаа уште на 16 овој месец и сега може да се околу Вардар. Те молам олесни им, откако ќе наредиш да им отворат канал низ Прилепско или Воденско и Леринско за да минат среќно. Нека не им се прават пречки, ако и да има од некаде претписание, ако веруваш барем малку во мене, верувај и во нив. Затоа не треба само да се водиме слепечки. Запрашај ги и распореди ги да минат и пиши ми за нив само нешто вистинско. Јас ќе дојдам после кога ќе се научам за нив и верувам дека ќе го оправдам моето настојување овдека. Поздрави го г. П. Христов, кој треба веќе да е таму, и пријателите. Пиши и окуражи го Митрета.
Толку за сега.
Со поздрав Пандо Клјашев
Пиши ми на адреса: улица „Љулин“ 33 – г-жа Елена Димитрова …“
Пандо Кљашев – Костурски војвода.
Павел Христов – член на Окружието на Втората револуционерна област.