Ако денес ги слушате бугарските националисти, во обидите за перење на фашистичките гревови од Втора Светска војна, ќе чуете дека бугарските војски после превратот ја ослободиле пола Југославија.
Во продолжение извадок од спомените на генерал Михајло Апостолски поврзан со бугарската војска и ослободувањето на македонските градови Скопје, Велес и Штип.
„… Таму најдовме дел од бугарската комора од која зедовме еден товарен камион и со него тргнавме кон Скопје. Сакавме што побргу да стигнеме за да спречиме евентуални недоразбирања со бугарските војски. Кога стигнавме на Црн Врв (на стариот пат), сретнавме единици од Петтата бугарска дивизија. На нашето прашање – каде одат, ни рекоа – за Скопје. Ги запрев и наредив веднаш да се вратат назад. Им реков дека не ни се потребни. Имав информации дека таа дивизија никогаш и никаде не водела борби со Германците. За тоа постојат радиограми, а јас во моите книги го имам напишано сето ова. Си спомнувам кога требаше заедно за напаѓаме кај Теранци, нивната армија ги биеше нашите единици, а не германските. Затоа, многу не размислував и наредив да се вратат назад.
Кога дојдовме до Пчиња, нѐ пресретна еден бугарски полковник. Се претстави дека е командант на Петтата дивизија. Го прашавме зошто седат тука, а тој ни одговори дека не можат да ја поминат реката, па чекаат да им донесат материјал за да направат мост, а Пчиња тогаш беше длабока само до колена. Тогаш енергично им реков да ја врати Дивизијата, зошто нам не ни е потребна. Му реков и тоа дека Скопје е веќе ослободено, иако знаев дека таму уште се водат борби. Бев многу лут поради нивните саботажи. Патем слушав како Радио Софија јавува дека нивните војски го ослободиле Велес, а тие не ни видоа како изгледаше Велес кога се водеа борби за негово ослободување. Потоа дека го ослободиле и Штип, што беше невистина зашто бугарската војска беше 30 киломтери далеку од Штип кога се водеа борби за негово ослободување. На полковникот му го истурив сиот гнев што го имав собрано слушајќи ги вестите на Радио Софија и го вратив назад. …“
Посочил: Henry Chinaski