Во друштвото нa најуспешни и најдоходовни друштва во Македонија се наоѓаат и пет деловни субјекти од здравствениот оддел. Тоа се две клинички болници, една општа болница и два центри за дијализа. Само наведените претпријатија, во 2019 година оствариле вкупен приход од 5,3 милијарди денари (86,2 милиони ЕУР) и вкупна добивка од 710,7 милиони денари (11,56 милиони ЕУР).
Успешно, нема што. Сѐ би било во ред, ако за остварување на овие бројки од приходи и добивки на продажба во прв план беше ставено здравјето на граѓаните на Македонија. –Во нормалните здравствени системи, кои искрено водат грижа за здравјето на граѓаните, здравството е целосно бесплатно. Организирано од државата, еднакво достапно за сите граѓани, без можност да биде причина за нечија заработка и екстра добивка.
Но во нормалните системи, далеку од нас.
Ако имаме во предвид дека најголемите трговски друштва – трговци со здравјето на луѓето се друштва во сопственост на едно лице (ДООЕЛ) или неколку лица (ДОО), значи дека само мал број на поединци заработиле добивка од дејноста ни повеќе ни помалку туку 11,56 милиони евра и тоа само за една година. Доколку истражувањето се прошири на сите трговски од здравствениот оддел (околу 3000 приватни здравствени установи – општи лекари, стоматолози, лаборатории, специјалистички ординации и сл.) сигурно ќе се добијат вртоглави суми.
И тоа не е сѐ. Голем дел од остварените приходи на наведените приватни здравствени компании се наплаќаат од „Фондот за здравствено осигурување“, т.е. од народните пари. Посредно нашите пари се прелеваат во џебовите на мал број на лица, кои “имале среќа“ во право време да започнат бизнис со здравјето, да обезбедат доволно дозволи, наддавања, врски, и да се обезбедат парично за долги и долги години.
Од проучувањето на остварените приходи на најдохдовните претпријатија од здравството, како и од податоците од годишниот извештај за работење на „Фондот за здравствено осигурување на Македонија“ за 2019 година, може да се заклучи дека и најголемиот износ на добивка е остварен од парите на граѓаните.
Посебно изненадувачки се податоците кај центрите за дијализа. Над 90% од вкупните приходи, двата најголеми центри за дијализа во Македонија ги имаат остварено од „Фондот за здравство“. Истите центри за дијализа само за една година искажуваат добивка од над 1.5 милиони евра секој поединечно. Се прашуваме, дали при договорање на цените на услугите за дијализа помеѓу ФЗО и здравствените центри се пресметала и добивката од над 1,5 милион евра – годишно?
Кај другите најдоходовни здравствени субјекти, состојбата е малку поинаква. На нивните сметки од страна на ФЗО се уплатени само 1,05 милијарди денари (17,15 милиони евра), но и овој износ има значително влијание за остварување на огромните добивки.
Ако имаме во предвид дека пресметковната вредност на новиот Клинички центар кој треба да се изгради во Македонија изнесува околу 420 милиони евра, значи дека само од неколкугодишната добивка од приватните компании од здравствениот оддел истиот ќе се изгради со сопствени средства, без долгите постапки за кредитни задолжувања, без задолжувања, без трошоци за камати. Наизглед едноставно, логично, но кај нас, тешко изводливо.
Неспорно е дека имаме неделотворен, тром , бирократски здравствен систем од кој никој (освен профитерите од здравството) не е задоволен, ниту пациентите, ниту здравствените работници, ниту пак обврзниците кои редовно го полнат „Фондот за здравство“. Не сме слушнале дека се планира некаква преорганизација, обнова во здравството, некоја намера да се сменат и подобрат условите и делотворноста во здравството. Дали одговорните се свесни за неподносливата состојба, дали немаат идеја како да се надминат состојбите… Или едноставно има моќници кои се над државните и народните интереси и било каква промена во здравствениот систем ќе им ја наруши удобноста и лесната заработка на товар на народот.
Додека мал број на луѓе остваруваат огромни добивки тргувајќи со здравјето и животите на граѓаните, сведоци сме на редовни барања за донации за лекување на наш
и сограѓани. Пациенти умираат додека се чека документ и потпис од некакви комисии за лекување во странство, се прават бескрајни листи за ‘мој термин’ и многу често пациентите не го доживуваат. Посебна приказна е состојбата сега со ковид кризата.
Во најмала рака доколку целокупното здравство би било под надзор и организација на квалитетно раководство, барем добивката која сега се остварува од страна на поединци би останала во заедничкиот фонд и преку правилни вложувања би добиле современо здравство, задоволни пациенти и добро платен здравствен персонал – кој иднината ќе ја гледа во нашата Македонија.
Користени податоци – Годишен извештај за работење на ФЗОМ за 2019 година
Јавно достапни финансиски податоци за деловните субјекти во Македонија