За македонското родољубие и општо сегашната македонската национална борба, од исклучителна важност е да се посвети внимание на две важни човечки особини, способноста за расудување и слабоста на пристрасноста.
Пристрасните луѓе се оние кои завземаат и поддржуваат страна независно дали е или не е во право. Расудливите ги поддржуваат страните според мерата која колку е во право.
Пристрасноста на пристрасните луѓе создава табори и независно од можното застранување на раководството од нивниот табор и претходно поставената идеолошка рамка тие секогаш остануваат слепи послушници на патот по кој ги водат. Нивната нерасудливост (некритичност) води кон разградување (деструкција) на целото општество. Уништување кое ги зафаќа и нив самите. Безусловната некритичка послушност на пристрасните е подлогата која ги одврзува рацете на криминалот во општеството. Води кон родово-клановска примитивизација на меѓучовечките односи.
Колку расте необјективноста и несамокритичноста на таборите и нивните следбеници толку општеството уште подлабоко навлегува во разновидни разградувачки процеси. Во такви услови добар дел и од расудливите се приморани да изберат страна во поделеното општество затоа што на тоа ги принудува силата на таборите. Крајот на процесот е сѐопшт распад.
Ова ни го открива и Богочовекот кој рекол:
Матеј 12:25 Секое царство, ако се раздели самото против себе, запустува; и секој град или дом, ако се раздели самиот против себе, ќе пропадне.
Во Македонија, ние Македонците спротивставени сами против себе, доведени сме во крајно критична состојба. Безусловната верност кон сопствениот партиски табор е претворена во средство за самоуништување на целата нација.
За разлика од пристрасните кои имаат потреба и создаваат табори, расудливите секогаш судат според мерата која страна, колку и за што треба да биде поддржана или критикувана. Затоа тие најчесто остануваат како поединци и како такви се послаби во однос на толпата на таборите. Расудливите без исклучок се осудени и остро етикетирани од припадниците на таборите. Нивните расудливи постапки за поддршка и критика, не можат да бидат разбрани од страна на пристрасните. А токму расудливите се оние кои го задржуваат падот на општеството.
Ако расудливиот е привремено со грешна позиција, кога тој сфаќа, не се држи за својата суета и се исправа. Пристрасните кои не можат себе си да се погледнат дека секогаш се во грешна позиција, никогаш нема на расудливиот да му ја простат привремената погрешна позиционираност. Затоа раската во неговото око, која што расудливиот самиот ја отстранил, секогаш ќе ја користат за омаловажување на неговиот авторитет и прикривање на гредата која сѐ уште стои во нивното око.
Разградивоста на слепците во таборите може да се спречи САМО со приближување (концентрација) на расудливите во организиран облик. И сосема мало збивање на расудливите водени со ум, интелегенција и соборно одлучување ќе доведе до посакуваните резултати кои со својот квалитет како светило во општеството не можат да бидат сокриени и негирани.
Желбата на Македонската Национална Академија е негување на расудливоста и остварување соработка со расудливите. Така да со градење на мнозинството од расудливи Македонски УМови да создадеме услови Македонското општеството да се ослободи од ѓаволската спирала на штетното владеење на криминализираните табори и создавање на услови за напредок во заедницата.