Никола Парапунов – Владо е македонски револуционер, истакнат организатор и раководител на партизанското антифашистичко движење во Пиринскиот дел на Македонија, кој од бугарските власти во 1933 година бил осуден на 15 години затвор. Тој и во затворот раководел кружоци и предавања за националното прашање, посебно за македонското. Бил командир на Разлошката чета и командир на Четвртата Горноџумајска востаничка оперативна зона. Се залагал за заедништво на партизанските движења од трите дела на Македонија.
По основањето на Отечествениот фронт во 1942 година, Никола Парапунов работел за развој на неговите структури во Пиринска Македонија. Тој бил секретар на Окружниот комитет на БКП и на IV востаничка оперативна зона.
Но, дошол во судир со ЦК на БКП за прашањето за оружената борба, зашто се застапувал за заедништво на партизанските движења од трите дела на Македонија и нејзино обединување.
По смртта на Никола Парапунов Разлошкиот партизански одред го носи неговото име, а македонскиот народ ја испеал песната „Имала мајка едно ми чедо“:
Имала мајка едно ми чедо
едно ми чедо Никола.
Очите ѕвезди, лице трендафил,
левенто чедо крилато.
Ееееј Никола,
ееееј јунак пирински.
Му здодеало од чорбаџии,
од клето ропство фашистко.
Тргнал Никола в бој да се бие
за наша мајка Македонија.
Ееееј Никола,
ееееј јунак пирински.
Дигнал ми глава херој Никола
за правда и за слобода.
Тргнал Никола в бој да се бие
за наша мајка Македонија.
Ееееј Никола,
ееееј јунак пирински.
Посочил: Портал Денешен