2007.08_ОМО „Илинден“ – Пирин – невладина организација

Бугарија пронајде нов начин да не дозволи регистрација на политичката партија ОМО Илинден Пирин. Наместо партија на Македонците во Бугарија, им нуди регистрација на невладина организација.

Вчера по средбата во софискиот градски суд, бугарското Јавно обвинителство излегло со тврдење дека ОМО Илинден пирин нема партиски цели, туку цели на невладина организација.

Според Стојко Стојков, претседател на ОМО Илинден Пирин, ова тврдење беше прилично чудно. “Обвинителството тврди дека нашите цели што сме ги запишале во статутот, а тоа се истите од претходната година, не биле политички, туку биле цели коишто се карактеристични за невладина организација, што е многу смешно, бидејќи нашите цели скоро сите се политички”, вели Стојков.

За членството на ОМО Илинден Пирин, ова е апсурдно, бидејќи е побарано регистрација на партијата со истата програма како и минатата година, кога бугарските власти ја одбија регистрацијата токму поради политичките цели.

Софискиот суд треба да донесе одлука до 4 септември. Ако и овојпат биде одбиена регистрацијата на ОМО Илинден Пирин, партијата на македонското малцинство во Бугарија нема да може да учествува на локалните избори наесен.

Во 1999 година ОМО Илинден Пирин беше регистрирана како политичка партија и во октомври истата година на локалните избори победи во две селски општини во Гоце Делчев. Подоцна, со одлука на Уставниот суд на Бугарија, партијата беше прогласена за противуставна и и беше забрането учество на избори. Во јуни 2006, партијата повторно е обновена, но судот во Софија одбива да ја регистрира, иако од организацијата ги собраа потребните 5.000 потписи. Бугарскиот суд подолго време ги игнорираше препораките на Комитетот на министрите на Советот на Европа за регистрација на партијата.