Смиле Војданов е илинденски војвода, македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација и долгогодишен деец во македонското национално движење во татковината и во иселеништвото.
Смиле Војданов e роден во охридското село Лактиње (сега во општина Дебрца). Рано го напуштил школувањето и му се приклучил на македонското ослободително движење.
Во Македонија се истакнал како еден од врвните водачи на Илинденското востание во Охридско, при што заедно со Дејан Димитров биле одговорни за реонот на Дебрца.
По задушувањето на Илинденското востание, Смиле Војданов не се откажува од идејата за независна македонска држава. Својата борба ја продолжува во Северна Америка, каде долги години ќе дејствува меѓу македонските иселеници во САД и Канада.
Во куќата на Смиле Војданов во градот Понтијак, во државата Мичиген, во 1929 година е создадено првото независно македонско друштво.
По создавањето на повеќе вакви друштва во различни градови на САД, на 22 и 23 март 1930 во градот Толедо (Охајо) била одржана Првата конференција на македонските независни друштва. Тогаш Смиле Војданов е избран за Претседател на средишното раководно тело.
На Првиот редовен конгрес за обединување на друштвата, од 24 до 26 тревен 1931 во Гери (Индијана), Смиле Војданов е избран за Претседател на новосоздадениот Македонски Народен Сојуз.
По Втората Светска војна го поздравува создавањето на Македонската република и се вклучува во испраќањето добротворна помош за татковината.