Арсени Танаско Јовков

Арсени Танаско Јовков

• Весник „Илинден“, 14.09.1924 •

Крајно време е да ги сфатиме нуждите за македонскиот печат, да ја сфатиме потребата од негово издигнување, ширење и усовршување и главно од еднокрајно разграничување на улогите на бугарскиот и македонскиот печат, при што последниот за Македонецот треба да биде евангелско четиво.

 

• 1924 •

Бугарскиот државен патриотизам и македонскиот патриотизам се две нешта, коишто не само што немаат ништо заедничко, туку се и сосема противречни.

 

• • •

По долг опит од досегашното минато, при што македонските населенија се занесуваа по фактори што му се туѓи, по јасно веќе утврдената политичка парола на македонското население внатре и на неговата емиграција – надвор – паролата за независност на Македонија, – се поставува прашањето: каде, во која изборна фаланга треба да се нареди македонскиот избирач кога ќе го повикаат пред избирачкото место парламентите на Белград, Софија и Атина? Дали треба тој повторно да им ги дава мандатите таму на оние партии кои или се причина за неговото распарчување или пак продолжуваат да го држат под свое ропство? Ако не друго, тој може да гласа барем за себе за да отвори таму еден легален фронт против своите потисници, една трибина од која неговиот глас ќе се слуша повисоко одошто неговиот глас во Костур, Охрид и Петрич. Не само што ослободувањето на Македонија треба да се пројави во изборите како предуслов за нејзината независност туку и затоа што нашите распарчени делови треба да бијат со еден политички пулс – се наложува во претстојните избори да се појават македонски листи. Ако парламентите се врвно место каде што се создаваат судбини, ако таму е највисоката трибина од каде што се исповедуваат болките и се жигосуваат неправдите, – кој друг натрапен полномошник би можел да ги штити македонските интереси, да придонесе за менување на неговата судбина, освен самиот Македонец?

Ете зошто ние сметаме дека во Македонија не треба да имаат терен веќе партиите на балканските држави, бидејќи е Македонија предопределена да биде самостојна, треба да ја стави и основата на единствената за сега своја ослободителна партија.

Секако дека не секаде условите ќе дозволат уедначеност на работата. Малу можеме да се надеваме ние дека во српска Македонија, каде што теророт врз населението не запира ниту има граници, може да се дозволи македонска листа, кога се забранува дури републиканската, работничката, земјоделската: но кога духовите се обединети обземени од таа идеја – истото нешто може да се оствари и под превезот на други партии ако од гласачките кутии излезат македонски синови кои во пратеничките клупи ќе се групираат во едно за да ја постигнат истата мисла.

Истото нешто важи и за грчка Македонија.

А во бугарска Македонија? Ако овде свеста за македонската независност израснала повисоко до степен што оттаму да се култивира и кон запад и кон југ, ако овде и денес уште се забележат пројави на независност – ние сметаме дека тамошниот Македонец од врвот на тоа свое стојалиште треба секојпат да памети дека кај Кочериново има една граница на неговата татковина, така како што за Македонецот од Штип има граница кај Зибевче. Низ таа граница тој не треба да слуша никакви бугарски партиски програми и платформи зашто напразно ќе му носат тие перспективи за таква или онаква внатрешна политика, за таква или онаква надворешна политика, штом по принцип ги одрекува поради фактот дека се стреми да ја одрече и самата бугарска власт таму, штом тој се сили да го вклучи тој дел во идната слободна Македонија… Зошто таму Македонецот ќе членува во таа или онаа партија кога тоа не се партии на идната независна Македонија, туку на Бугарија?

Но по обединувањето на емиграцијата и по нејзиното застанување под знамето на независноста, ова исто сфаќање и се налага и на многубројната македонска емиграција, лулана до сега како кораб без кормило меѓу разните политички партии во Бугарија без секаква народна корист. Не треба ли таа таму каде што е покомпактна да се нареди рамо до рамо околу една македонска листа за да ги присоедини и своите гласови кон гласовите што родната Македонија ќе ги испрати како протест пред светот за распарчување на Македонија? Не треба ли таа да застане во парламентот на неговата најлева страна, како место на притиснат елемент што секогаш цели да се отцепи?

Значи, ете на кој начин Македонија може да подигне во балканските престолнини три громогласни трибини од каде што нејзиниот глас ќе се разнесува повисоко и подалеку, три парламентарни групи, соединети духовно како еден општ македонски парламент, три еднородни одломки кои центрипетално се стремат кон идно соединување во Солун.