Кои cе се најголеми даночни должници во Македонија? Знае ли некој?
Во периодот кога државата поради корона пандемијата се наоѓа во длабока финансиска криза, се чини дека излезот го наоѓа само во прекумерното задолжување со кредити.
Дали задолжувањето е единствен начин да се пополни буџетската дупка или можеби има и други начини кои случајно или намерно се забораваат?
Повод за овој напис е токму листата на даночни должници бр.10/20 која Управата за јавни приходи ја објави на својата веб-страница на 30.09.2020 година. Според податоците од листата обелоденети се долговите на 2.004 должници правни лица и 2310 должници физички лица. Вкупниот износ на даночни долгови доспеани за наплата до 30.06.2020 а кои не се платени до 30.09.2020 изнесува 9.693.151.515 денари или 157 милиони ЕUR.
Секој месец почнувајќи од месец јуни 2014 година, Управата за јавни приходи на Македонија редовно и јавно ја објавува листата на даночните обврзници кои имаат доспеани даночни обврски и тоа за правни лица за износи поголеми од 300.000 денари и за физички лица над 120.000 денари. Неплаќачите на даноци се ставени на ,,ѕидот на срамот,, , транспарентно како што и прилега на сериозна институција, држава, кои водат сметка за сопствениот имот, односно заедничкиот имот на граѓаните на Македонија. Но се чини дека и тука се завршува оваа приказна.
Но, се прашуваме дали е доволно само јавно да се објават должниците, a некои од нив само да се препишуваат во секој извештај повеќе од 5 години? Бројот на даночни обврзници – нередовни плаќачи континуирани се зголемува, од околу 3.500 субјекти во 2014 година на околу 4.300 субјекти во последниот извештај од септември 2020 година.
Дали обврската за наплата на истите завршува со тоа што Управата, врз основа на податоците од сопствената евиденција ќе креира извештај за даночни должници, истиот ќе го објави на својата веб-страница и со тоа обврската е завршена?Дали пред така лесно да одлучи да се задожи и да ги потпише договорите за кредит, прво треба да се обиде да ги наплати сопствените побарувања?
Вкупниот износ на даночни побарувања е 9,6 милијарди денари (или околу 157 милиони ЕUR) и износот е сосема доволен и за купување на компјутер за секој ученик, за помош на дејностите кои воопшто не функционираат во овој период, помош на социјално загрозените семејства, или во најмала рака награда за медицинискиот персонал кој е изложен на огромен ризик справувајќи се со заболените лица од вирусот.
Списокот на должници е прилично опширен ( над 4.300 правни и физички лица) меѓу кои и многу јавни претпријатија, звучни имиња за кои на прв поглед е многу чудно што се на ,,црната листа“ акционерски друштва, фирми со странски називи (не значи и странски капитал), физички лица.
Во наредните епизоди ќе дадеме кратка анализа на состојбите кај должниците, притоа користејќи официјални и проверени информации објавени од надлежните институции во ,,нашата земја”.
Првиот должник на листата, победник за месец август е фирма, акционерско друштво од енергетскиот бизнис, со 1.527.000 денари капитал ( 25.000 ЕUR), околу 90% од сопственоста е во рацете на две странски правни лица, кои, ако се оди наназад во сопственичкиот синџир потекнуваат од далеку, дури до Девствените острови. Испреплетеноста со деловни комбинации, фирми мајки, сестри, баби, тетки… само ја усложнува анализата, текот на трансакциите, документите и финансиите. Значи едноставно кажано, ,,странски инвеститори” основаат фирма во Македонија, си вложуваат дури 25.000 ЕUR капитал, ги добиваат сите потребни лиценци, дозволи, тендери на бизнис, обезбедени им се над 10 милијарди денари годишен приход ( 162 милиони евра) остваруваат над 13 милиони евра добивка за 2018 година, веќе во 2019 година се отвора стечајна постапка и за 2019 година воопшто не е поднесена годишна сметка. Без оглед на овие вртоглави суми истата фирма не ги плаќа редовно даночните обврски, кои според последниот извештај на УЈП изнесуваат околу 12 милиони ЕUR.
Тоа што над Друштвото е отворена стечајна постапка, тоа што скоро целиот имот е под хипотека на доверители од Кипар и од Девствените острови, не било пречка и во 2020 година истото друштво да добие тендер во значителен износ. Ништо чудно, но само за кај нас…
Да се создаде даночна обврска , значи друштвото треба да има остварено промет – продажба (за данок на додадена вредност) или да има остварено добивка (поголеми приходи од расходи) – обврска за данок од добивка.
Заклучок, обврската за данок настанала затоа што дотичното друштво остварило значајни приходи и добивки, но во исто време не ги измирило обврските кон државата.
Каде е тука обврската и одговорноста на Управата за јавни приходи, Финанскиската полиција, Управата за спречување перење пари, Антикорупциска и кој знае уште колку други институции чија обврска е да го заштитат заедничкиот имот? Знаејќи дека Управата за јавни приходи има ажурна евиденција на даночните побарувања и обврски, зошто дозволува даночните обврски на пооделни друштва да достигнат енормни износи?
Од анализата на ревизорските извештаи на споменатава фирма, години наназад ревизорот се воздржува од давање мислење за објективноста на финансиските извештаи. Тоа значи дека ревизорот и покрај своето знење и компетентност што се непобитни (се работи за една ревизорска фирма од големата четворка), неможе да даде мислење за обејктивноста на искажаните податоци во финансиските извештаи, годишната сметка и во годишниот извештај за работење, па според тоа и за објективноста на искажаните даночни обврски. Со други зборови кажано, погрешните прикажувања се толку значајни и распространети што неможат да се искажат во точни износи.
Дали во оваа ситуација кога сите сме погодени од корона кризата и државата непродуктивно се задолжува, има начин преку интензивирање на наплатата на даночните побарувања да ги надомести потребите од финансиски средства во буџетот? Кои мерки се превземаат? Дали друштвото – должник има доволно сопствени средства со кои некогаш и би се наплатите овие побарувања? Дали Управата за јавни приходи има некаква гаранција по основ на овие побарувања? Сега засега нема достапни информации за јавноста.
Дали и ние сме држава во која државните тајни се јавни, а јавните информации тајни?
На крај, кој е крив за состојбата?
– Короната, ситуацијата, околностите, временските услови, објективните услови, Грујо, Наќе, Дрина, бананите… или се друго само не некој со име и презиме.
Управувањето на друштвото е одговорност на едно или повеќе лица или органи на управување, што значи некој или некои со име и презиме ја довеле фирмата во оваа состојба и некој од надлежните институции го дозволил или не го спречил истото. Во нормални системи, неефикасното раководство се казнува, се заменува со ново, лицата кои еднаш довеле фирма во состојба на неликвидност, ликвидација или стечај не можат повеќе да станат раководни лица во друга фирма. Кај нас очигледно не е така, можеби истите и ќе добијат награда за успешното затајување на даночните обврски или орден за заслуги против народот.
Отсега како предлог до Управата за јавни приходи, ќе бараме наместо назив на фирма должник, да се објави јавно име и презиме на управувачкиот тим, извршните директори, одговорниот сметководител, членовите на Управниот и надзорниот одбор, внатрешниот ревизор на друштвото и сите по име и презиме кои реално треба да сносат одговорност за состојбата. За да не се ,,оптовари” листата на должници со премногу информации, предлгаме да се објават одговорните лица само за должниците со износи над 60 милиони денари ( над 1,0 милиони евра). Сепак како најодговорни во дадената ситуација сметаме дека се раководните лица Управата за јавни приходи ( сегашните и претходните) . Обврска на Управата за јавни приходи е да се грижи за државниот имот, односно заедничкиот имот на граѓаните на Македонија.
Да резимираме, додека граѓаните на Македонија уплашени од притисокот и неизвесноста предизвикани од корона ситуацијата, мака мачат да сврзат крај со крај, скенираат фискални за некои 600 денари месечно, остануваат без работа и без таа мизерна минимална плата, додека учениците се прашуваат како ќе ја следат наставата без компјутер, медицинскиот персонал дава отказ заради премор и незаштит
етност, некој свесно и намерно придонесува за влошување и на така неподносливата ситуација.
Македонија- мојата чудесна земја.
Извори на информации – Листа на должници бр.10/2020, Извештај на независен ревизор за 2018 година, јавно достапни финансиски информации за деловните субјекти во Македонија.
Анализа на Македонска Национална Академија