Во пролетта 1903 година, неколку месеци пред Илинденското востание, започнале терористичките акции на Солунските атентатори, а овие настани придонеле светот и Европа да слушнат за проблемот со македонското прашање.
„Чумата како оружје: Последниот воен ресурс на Македонците“ е насловот на новинарски напис во англискиот весник Lancashire Evening Post објавен на 2 жетвар 1903 година. По завршувањето на терористичките акции на младите гемиџии кои го парализираат градот со второто најголемо пристаниште во Европа, според написот во англискиот весник, некој од лидерите на македонските револуционери се заканил дека Константинопол, Солун, па дури и Берлин можат да бидат инфицирани со чума, или поточно, со индиски бацили.
– Водачите на македонските револуционери во овој момент, вели дописникот на Дејли Њус од Софија, поседуваат големо количество на индиски бацили со намера да ги инфицираат Константинопол (денешен Истанбул), Солун, па дури и Берлин, стои во написот на Ланкашаер Евенинг Пост од 1903 година.
– Доколку во рок од осум дена по ова предупредување, велат македонските револуционери во текстот, големите сили не гарантираат поништување на Договорот од Берлин (1878), ние ќе загинеме. Но, ние нема да загинеме сами, со нас ќе земеме и илјадници луѓе од Европа – од истата Европа која ни ја украде слободата, стои во изјавата на македонските револуционери за англискиот весник од 1903 година.
Напад со биолошко оружје од македонските револуционери во тој период не е забележан. Но, како што наведува и англискиот дневен весник во 1903, оваа закана била предупредување дека нападот со „чума“ би била последната опција за македонските револуционери.
Ланкашаер Евенинг Пост е англиски дневен весник, кој сѐ уште постои. Според Британската библиотека, првиот број е испечатен на 18 листопад 1886 година.