1885 « 1929_Македонското Студентско Дружество „Вардаръ“ – Илинден 1903 – 1929, Сборникъ въ паметь на големото македонско възстание, с. 80-82, София

1885 « 1929_Македонското Студентско Дружество „Вардаръ“ - Илинден 1903 - 1929, Сборникъ  въ паметь на  големото македонско възстание, с. 80-82, София

Барање од секретарот на Бугарската Егзархија Атанас Шопов до двајца највлијателни руски општественици во 1885 година за остварување на политичките права на Македонците соодветно на одлуките од Берлинскиот договор 1878 година. За тоа дознаваме преку написот објавен од Македонското Студентско Друштво Вардар во Софија 1929 година.

 

Секретарот на Бугарската Егзархија, Атанас Шопов во 1885 година писмено се обратил дo двајца од највлијателните руски општественици, академикот Владимир Ламански и публицистот Иван Аксаков, со молба да се заложат за остварување на основните човекови (и политички) права на Македонците. Шопов го упатил писмото и до белгискиoт општественик Емил де Лавел де Лиеж, кој бил со-основач на Институтот за меѓународно право.
Во писмото, Шопов објаснува дека Македонците го замолиле да се обрати во нивно име со цел тројцата општественици да се заложат за остварување на реформите во Македонија утврдени со Берлинскиот договор од 1878 година. За Македонија особено важен е Членот 23 од Берлинскиот договор според кој таа, иако останала провинција во Османлиското Царство, требала да добие свој статут (устав), а со тоа и посебен државно-правен статус. Македонија според Берлинскиот договор, исто така, требала да добие свој гувернер и врховен командант, кому би му била доверена командата на војската. Таа требала да биде организирана на санџаци (околии), чиј број би бил дополнително одреден, по примерот на Крит. Таканаречениот „органски устав“ на Крит според договорот, што значи и идниот устав на Македонија, би предвидувал формирање специјален административен совет во секоја територијално-административна единица, составен од муслимани и христијани со кој би раководел управителот на територијалната администрација.
Подеталната разработка и анализа на членот 23 од Берлинскиот договор открива дека Македонија би добила политичка автономија. Оттогаш, автономијата на Македонија станала водечка идеја која го мотивирала македонското национално ослободително и револуционерно движење.
Истовремено, таа станала македонски национален идеал и затоа што утврдувањето на автономниот државно-правен статус на Македонија во своите етно-географски граници бил зацртан во правен акт од меѓународен карактер.

Во писмото до тројцата општественици, Шопов нагласува дека Македонците страдаат само од една неостварена цел: „ Да им се даде можност да постојат без да ја кријат својата народност, како и да им се даде можност да се молат и да учат на својот разбирлив, мајчин јазик“.
Притоа, Шопов предупредил дека доколку ништо не се направи и народите во Османлиското Царство останат во таква лоша положба како досега, европските договори и европскиот мир секогаш ќе бидат нарушувани. „Доколку европските дипломати сакаат да има мир, мораат да се заземат и да ги примораат Османлиските власти да ги спроведат реформите во Македонија“.
Hатаму, Шопов им се обратил со конкретен повик за акција за остварување на македонските човечките права: „Македонците гледаат во вас и на вас се надеваат; помогнете им со вашето перо, со вашиот ум, со вашиот збор и со вашите совети“. Македонците сакаат само едно – целосно исполнување на Берлинскиот договор, на ветените реформи и ништо повеќе. Тие знаат дека е опасно ако во ова време сакаат нешто повеќе. Македонците се спремаат да пратат барање до европските држави, до нивните претставништва, за целосно исполнување на Берлинскиот договор во поглед на Македонија. Тие ме замолија да му напишам и на почитуваниот словен Аксаков да помогне со неговиот моќен збор за светото дело: Човечки права за Македонците“.

 

Посочил: Macedonia: a True Endless Story …