Васил Дијаманди (-ев) е македонски револуционер, учител, општественик и политички деец. Тој е ден од водачите на Македонското востание со средиште во Кресна, а во времето на Берлинскиот конгрес (1878) испраќал петиции до светските чинители за решавање на македонското прашање. Во Русе ја основал Македонската лига (1880), го раководел Македонското благотворно друштво (1882–1884), делувал во друштвото „Македонски глас“ (1885–1886), во ВМОК (1885) и во Тајниот македонски комитет (1886), испраќајќи вооружени чети во Македонија.
Васил Иванов Дијамандиев е роден на 30 коложег 1839 година во Охрид, во семејство на богат златар. Со основно образование се стекнува во родниот град, каде учи во грчко училиште. Од 1855 година учителствува две години во истото училиште, а во 1858 година заминува на студии во Русија. Првично се запишува на Духовната семинарија во Одеса. Од 1860 до 1861 година студира на Физичко-Хемискиот факултет на Московскиот универзитет, а потоа продолжува на истиот факултет на Киевскиот универзитет.
Набрзо се вратил во Охрид, каде повторно отвора славјанско училиште. Во цутар 1868 година Диамандиев разбира дека има телеграма со наредба за нов негов притвор и повторно бега од Охрид. Заминува за Русија и од 1869 до 1876 година е учител во бесарабскиот град Комрат. Напоредно со учителствувањето во Бесарабија, тој ги уредува и весниците „Ехо на Болград” (1872 – 1873) и „Јалпуг” (1872 – 1873).