1893_А. Шопов – ‘Изъ живота и положението на Българитѣ въ вилаетитѣ’, Пловдивъ

„… Тоа истото е и со Мелник, Сер, Костур и др. Кој се преселувал да живее во град, тој станувал грк, т.е. граѓанин. И ако го прашаш што е, тој ти одговара, дека е грк, т.е. граѓанин, а не селанец.

И денес уште во Битолско со зборот бугар разбираат селанец, не бил тој турчин, влав или грк. Ако се земе сето ова во предвид, човек може полесно да си објасни како тоа во областите со турско и бугарско население се среќаваат градови со значително грчко жителство.

И денес уште во многу места во вилаетите граѓанственоста е поврзана со грцизмот. Толкувањето на зборовите грк и граѓанин има едно и исто значење. Граѓанинот не може да не се именува како грк, затоа што инаку ќе го носи називот селанец. Така што, кој се преселувал од селата во градовите, тој задолжително го примал и нарекувањето грк, т.е. граѓанин. …“

 

Да се каже Грк не значело само народносен израз, туку значело и да се каже дека си граѓанин. Да се каже Бугарин не значело, само етничка припадност, туку значело дека си селанец. Тие изрази имале и социјални статусни значења.
Затоа околу тие поими има многу забуни. Кога во некои случаи, Македонците во 19 век и пред тоа, покрај тоа што се кажувале за Македонци, ставале дека се Бугари или Грци, сакале да кажат не дека се Бугари или Грци народносно, туку дека социјално се селани односно граѓани.
Кога ќе наидеме на документ каде што некој се изјаснил за Македонец и истовремено за Бугар или Грк, негаторите тврдат дека народносно тој бил Бугар односно Грк, а Македонец е неговата регионална припадност. Од овие документи може да се види дека тоа не е точно. Кога се кажувал некој за Македонец и истовремено Бугар или Грк, тој се кажувал народносно за Македонец, а статусно како Бугар – селанец или Грк – граѓанин.