Германскиот парламентарец Холгер Хајбах ја критикуваше Бугарија за непочитување на човековите права.
Советот на Европа бара Бугарија веќе да не си игра со регистрацијата на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.
СТРАЗБУР – Комитетот на министрите го контролира спроведувањето на пресудата за ОМО „Илинден“- ПИРИН од страна на Бугарија. Софија од своја страна даде цврста определба да ја спроведе пресудата во целост и без одлагање, со што ќе се спречат сите нови кршења на правото на слободно здружување на граѓаните. Ова го изјави претседавачот на Комитетот на министрите на Советот на Европа, српскиот министер за надворешни работи, Вук Јеремиќ, одговарајќи на прашањето на германскиот парламентарец во Советот на Европа, Холгер Хајбах, кој изрази загриженост поради нерегистрирањето на ОМО „Илинден“- ПИРИН и побара Комитетот на министрите да преземе мерки бугарската држава да ја регистрира партијата на Македонците.
Јермиќ констатира дека германскиот пратеник Хајбах со право забележува дека „новите построги барања предвидени со законот за политички партии од 2005 година не ќе можеа легално да и’ бидат наметнати на партијата ОМО „Илинден“ – ПИРИН ако претходно не беше прекршено нивното право”. Пред новинарите тој потсети дека Комитетот на министрите го задолжи Секретаријатот да соработува со бугарските власти и ОМО „Илинден“ – ПИРИН за да се најде соодветно решение. Јеремиќ најави дека Комитетот на министрите повторно ќе го разгледа случајот на 15 октомври годинава, кога Бугарија ќе мора да даде објаснувања за најновиот развој на ситуацијата околу регистрацијата на ОМО „Илинден“ – ПИРИН.
Прашањето за нерегистрацијата на партијата на Македонците во Бугарија од страна на Хајбах претставува големо изненадување за сите присутни во Стразбур, зашто е поставено од парламентарец од редовите на една од најбројните политички групи во ПС на СЕ и неколку денови пред расправата во Комитетот на министрите.
Хајбах ги информира своите колеги-парламентарци дека ОМО „Илинден“ – ПИРИН, и покрај двата обида за регистрација по пресудата од Стразбур, повторно не успеала да се регистрира. Според него, бугарските власти автоматски и’ наметнувале нови, построги барања, предвидени со Законот за политички партии. Истовремено, овие критериуми не се однесувале за другите политички партии кои постоеле во моментот кога беше констатирано кршењето на Европската конвенција во случајот со ОМО „Илинден“ – ПИРИН, кои и понатаму ги продолжиле нивните активности, без да ги исполнат новите обврски кои се барало да ги исполни партијата на Македонците.
Германскиот парламентарец, кој инаку е од редовите на ЦДУ-ЦСУ, констатира дека бугарските власти и’ наметнале нови правила на партијата ОМО „Илинден“ – ПИРИН, кои бугарската држава не ќе можела да ги наметне ако не ја прекршела Конвенцијата за правата на човекот. „Ваквата ситуација е неприфатлива во поглед на Европската конвенција за правата на човекот“, пишува Хајбах. Тој забележува дека пресудата на ОМО „Илинден“ – ПИРИН, не е единствена што не ја почитува Софија и дека има серија други пресуди на Европскиот суд за правата на човекот во кои е констатирано кршење на правото на слободно собирање и здружување во Бугарија.
Германскиот пратеник побара од претседавачот Комитетот на министрите да се заложи кај бугарските власти за да може партијата ОМО „Илинден“ – ПИРИН, да се регистрира и да учествува на локалните избори на 28 октомври 2007 година.
Поставувањето на ова прашање, за кое германскиот пратеник ќе добие писмен одговор, укажува на тоа дека проблемот со нерегистрирањето на партијата на македонското малцинство во Бугарија се претвора и во политичко прашање.
Одговорот од Комитетот на министрите сигурно нема да измени многу нешта пред претстојните локални избори во Бугарија. Партијата нема да може да учествува на изборите и ако биде регистрирана пред тие да се одржат зашто таа нема да може да има свои кандидати.
Ова прашањето добива уште повеќе во своето значење зашто тоа не беше поставено во Европската слободна алијанса, на која и’ припаѓа и ОМО „Илинден“ – ПИРИН. Тоа е поставено од германскиот парламентарец од редовите на една од најбројните политички групи во ПС на СЕ, групата на европските народни партии. Ова само може да биде големо охрабрување за ОМО „Илинден“ – ПИРИН во макотрпните напори за повторна регистрација.